Една од нив не` потсетува на немирните геолошки периоди, во времето во кое се пресоздавал релјефот во овој простор, односно говори за создавањето на длабокото речно корито на Црна Река.
Таа раскажува за извесен судир на две чудовишта (ламји или змејови), кои во борбен занес откршиле дел од планината некаде во Мариово и токму во тој премин што го формирале протекла водата од Црна Река.
Всушност, легендата зборува за времето на формирање на Скочивирската Клисура, која е една од најдолгите и најатрактивни клисури, која го сече Мариово на две половини и го прави овој простор исклучително атрактивен. Оваа клисура, која е долга околу 80 километри, во најголем дел – 59,5 километри се протега низ Мариово.
Другата легенда е поврзана со нејзиното денешно име кое, според преданието, доаѓа од фактот што дивата река, која тече низ разигран и немирен простор, секој ден поцрнувала по една мајка, одземајќи по едно чедо, па затоа е наречена Црна Река.