Селото Градешница доста претрпело во Илинденскиот и поилинденскиот период, а за време на Првата светска војна било во целост разрушено со огромен број на жртви. Пробојот на Македонскиот фронт, се случил на месноста Добро Поле на околу 15 км од селото, битка, која според дел од историчарите, довела до побрзо завршување на Првата светска војна.
Според пописот во 1953 година во селото имало 1.085 жители, но поради масовното иселување во 2002 година тој број се намалил на 88. Во Градешница има 9 цркви од кои најстара е „Св. Димитрие“ (XIV век), сместена на влезот од селото.