Притоките на Црна Река со поголем проток на вода доаѓаат од десната страна, каде има повисоки планини, како што се Ниџе и Козјак, додека од левата страна реките извираат од Селечка Планина, која е релативно пониска и со помали сливови. Од таа страна во Црна Река се вливаат помали или поголеми рекички од атарите на селата Брник, каде вистинска атракција е Брничкиот водопад, од Рапеш и Маково, потоа кај селото Чаниште се влива Крушевичка Река, следи Лисичка Река од селото Дуње, која ја создаваат помалите рекички од Кокре, Кален, Пештани, Дуње и Вепрчани.
Сите овие водотеци доаѓаат од сливовите на Селечка Планина. Одејќи по долината на Црна Река следат поголем број помали водотеци кои се сливаат од Дренска Планина, каде најиздашни, но и најатрактивни се два поголеми водотеци со кратко течение од локалитетот Подот, односно од Гудјаковските Извори, за кои се поврзани и бројни преданија за некогашните воденици, како и за извесна валавица, која работела на нивните води во некое подалечно време.