До ден денес во Мариово е живо преданието за принцезата Марија, позната и како Мара Султанија, која била ќерка на некој христијански владетел. Марија била надалеку позната по својата убавина и преку договорен брак била дадена да му биди жена на султанот.
Школувана и интелигентна, султанот брзо ја засакал и му била омилена во неговиот харем.
Кога Марија подостарела, кај неа се јавила желбата повторно да се врати на својата стара религија. Бидејќи султанот многу ја сакал и` го дозволил тоа, но како христијанка не можела да остане во неговиот харем. Тој и дозволил да одбере каде сака да го продолжи својот живот.
Марија прво заминала во манастирот „Трескавец“ во близина на Прилеп, каде била грубо одбиена од старешината на манастирот. Заминала, но набрзо се вратила со војска и наредила да се убијат сите монаси и да се запали манастирот.
Потоа се упатила кон село Витолиште, кое го избрала за свој нов дом и го подигнала манастирот „Чебрен“ на Црна Река.
Султанот со царски ферман и го доделил целиот регион на Марија и оттогаш областа станува Мариина земја или “Мариово”.
Ова е само една од легендите поврзани со принцезата Марија, а постојат и извесни историски поклопувања кои даваат веродостојност на приказната.