Бртва е вдлабнатина во карпа, со поглед кон исток или југ, која се затвора со преден капак и се лепи со кал или кравја лепешка. Се остава мал отвор низ кој во новото живеалиште може да се насели рој пчели.
Рој е нова пчелна заедница која се одвојува од старото друштво, односно роењето е природен начин на умножување на пчелните друштва. По одвојувањето од старата заедница, ројот пчели се населува на друга локација, т.е. формира ново живеалиште во некоја шуплина на карпа или дрво.
Не се знае од кога точно снаодливите мариовци сфатиле дека можат да ги намамат пчелите на овој начин, но е познато дека мариовскиот мед бил познат и баран производ за време на Отоманската империја.