Црква „ Свети Никола“, село Будимирци, XIX век
Црквата во селото Будимирци е посветена на еден од најпочитуваните светители. Таа е еднобродна со правоаголна основа, изѕидана од делкан камен и варов малтер, малтерисана и обоена.
На исток е полукружната апсида која од надворешната страна е расчленета со слепи аркади и полустолбови. Во црквата се влегува од запад и од југ. Над двата влеза изведени се полукружни ниши коишто се малтерисани и живописани. На западната ниша насликана е допојасна претстава на свети Никола, а на јужната света Петка.
Некои проучувачи сметаат дека постарата црква била посветена на света Петка. На јужната и западната фасада на црквата изведени се отворени тремови. Црквата била тешко оштетена за време на Првата светска војна и оттогаш повеќе пати е обновувана.
Иконите, иконостасот и живописот се изработени во приближно ист период. Кај една од иконите постои годината 1885, како и иницијалите на зографот Д.А.З., Димитрие Андонов Зограф, кој потекнува од село Магарево, битолско, и е заслужен за украсувањето на многу преродбенски цркви.
Живописот во црквата зачуван е во својата изворна состојба, односно од 1888 година. Сигнатурите кај сцените се испишани на словенски јазик. Заради просторноста на црквата распоредот на живописот е изведен на класичен начин, типичен за периодот на XIX век.