Пробивот на Добро Поле - Прва светска војна
Планот за пробивот на фронтот започнал да се подготвува уште во текот на месец јуни, кога за командант на Источната армија (сојузнички војски на Македонскиот фронт), бил поставен францускиот генерал Франше Д Еспере (Franchet D’Esperey).

По извршената обиколка на целиот фронт и препораки од началникот на штабот на Српската врховна команда, војводата Живоин Мишиќ, се родила идејата за офанзива на целиот Македонски фронт.
Одлуката била донесена со оглед на разузнавачките податоци, дека моралот на бугарската војска бил многу низок поради долготрајното војување (започнувајќи од Балканските војни 1912 година), како и односот на Германците спрема бугарската држава, третирајќи ги како подредени – земајќи големо количество храна од земјата без да имаат грижа за населението и армијата. Одлуката била да се изврши офанзива на Мегленскиот планински масив на делот на Добро Поле, на потегот помеѓу реките Лешница (на запад) и Сушица (на исток).
Добро Поле било избрано од неколку причини: прво, никој не очекувал напад на тешкиот и непристапен терен, каде имало и помалку артилериски орудија на Централните сили. Главната позиција, меѓупозицијата и резервната позиција на бугарската војска биле лошо утврдени, резервните сили биле длабоко во позадина, а пристапните патишта за дотур на сили и муниција биле тешко пристапни. Со пробивот на овој дел бугарските сили би се разделиле на два дела и со тоа би се принудила Првата армија да се повлече од делот Вардар-Дојранско Езеро-долината на реката Струма.
Главниот удар требало да го изведе Српската војска (6 пешадиски и една коњичка дивизија) со поддршка на две француски пешадиски дивизии.
Целта била да се изврши пробивот и на тој начин да се стигне до регионот Неготино- Криволак -Градско и да се раздвојат 11-та Германска армија и 1-та Бугарска армија. Железничката станица Градско била крстосница и тука биле главните депоа за храна и муниција на 11-та Германска и 1-та Бугарска армија.
Три дена после пробивот требало да се почне со офанзива на делот помеѓу реката Вардар и Дојранското Езеро, додека пак офанзивата во битолскиот дел требало да започне 9 дена после пробивот на Добро Поле.
Според планот, сојузничката војска била поставена во два реда, со цел откако ќе се пробие фронтот, првиот ред на војската да отстапи место на вториот ред, кој пак веднаш ќе продолжи со пробивот со свежи, одморени сили со задача да не се дозволи да се консолидира одбраната на бугарските позиции.
Растојанието на позициите помеѓу првите ровови на сојузничките војски и бугарската војска било од 40 до 350 метри.
Оперативниот штаб на српската војска со кој командувал војводата Мишиќ бил стациониран на врвот „Флока“ кој се наоѓа помеѓу Кајмакчалан и Добро Поле од каде го набљудувал фронтот.
Главниот напад требало да се одвива на делот на втората армија. Со оглед на тоа дека Добро Поле е на надморска висина над 1800 метри, одлуката била да се почне со офанзива кога ќе се создадат поволни временски услови.
На 14-ти септември 1918 година, во раните утрински часови имало густа магла на делот каде што се планирал нападот, посебно во пределот на Добро Поле и околните планински врвови. За кратко време маглата се подигнала спрема север и во целост се расчистил просторот.
Во 06.15 часот војводата Мишиќ испратил шифрирана порака до командантите на единиците „Mettez 14 officers and 8 soldat” „Испратете 14 офицери и 8 војници“, што значело дека со офанзивата ќе се започне на 14 септември во 08.00 часот.
Во 08.00 часот започнуваат со дејство 533 артилериски орудија на сојузниците по главната позиција на бугарската војска, рушејќи ги препреките од бодликава жица, набљудувачниците, а особено рововите. Потоа огнот бил префрлен на митралеските гнезда и засолништата помеѓу првиот и вториот ред на бугарските ровови. Додека поголемиот дел од артилериските орудија продолжиле да дејствуваат во длабочина на бугарските позиции, мал дел продолжиле да гранатираат на првата линија на ровови со цел да спречат истите да се поправат. Тешката артилерија дејствувала на бугарската артилерија со цел да ја неутрализира.
Околу пладне сојузничките војски се упатиле од засолништата во првите ровови и се подготвиле за напад на делот на втората српска армија, при што направен е прекин на гранатирањето со намера да се расчисти просторот од чадот и прашината за да се видат резултатите од гранатирањето. Од извршеното авионско извидување било утврдено дека резултатите од гранатирањето не биле во целост задоволителни, поради што продолжило гранатирањето до доцна во ноќта.
На 15 септември од 04.00 продолжило гранатирањето, по што во 05.30 часот започнал пешадискиот напад.
Благодарение на тешкото гранатирање, со кое биле уништени голем дел од утврдувањата на бугарските позиции и бројната надмоќ на сојузничките војски, постепено почнале да паѓаат првите позиции на бугарската одбрана.
Бугарската војска со контра напади се обидувала да ги поврати изгубените позиции, но со внесувањето на свежи сили од Тимочката и Југословенската дивизија постепено бил пробиен фронтот, најпрво околу Доброполската река, а потоа и на Добро Поле. Околу 20.30 часот на 15 септември од 148-от колонијален полк на 122-та дивизија, заземен е и врвот „Сокол“, со што целата главна позиција на бугарските ровови била во рацете на втората српска армија.
Со тоа бил извршен пробив на бугарската одбрана во ширина околу 14 и длабочина 3-4 километри принудувајќи ги Бугарите да се повлечат кон север.
На 16 септември биле заземени и резервните позиции на бугарската одбрана и до крајот на денот бил пробиен фронт во ширина 25 и длабочина од 10-12 километри.
Со повлекувањето на бугарската војска сојузниците не застанале, туку српската војска со несмален интензитет продолжила напред. Франше Д Еспере побарал од војвода Мишиќ српската војска да ја намали брзината на напредување, со цел логистиката и артилеријата на француската војска да можи да ги прати, на што Мишиќ одговорил дека нема застанување додека не стигнат во Белград.
На 18 и 19 септември Британската армија помогната со две грчки дивизии отпочнала офанзива на 9-та Плевенска дивизија кај Дојран. И покрај тоа што офанзивата на тој дел била неуспешна, целта на Британците била постигната, не дозволиле 9-та дивизија да се прегрупира и да даде поддршка да се спречи пробивот на Добро Поле.
На 29 септември во 23.00 часот бугарска делегација во Солун потпишала капитулација која стапила на сила напладне на 30 септември 1918 година.
Пробивот на Добро Поле се смета дека е почеток на крајот на Првата светска војна.

Споменик на Добро Поле
Во септември 1938 година на иницијатива на Louis Cordier, на Добро Поле бил поставен споменик со кој се обележала 20-годишнината од пробојот на Македонскиот фронт. Споменикот бил изработен од Marcel Ganguilhem (1895-1949) – француски уметник и скулптор кој бил учесник во пробојот каде ја загубил и својата десна рака. Марсел во Франција бил познат под уметничко име “Cel-le-Gaucher” (левак). Не се знае точно кога исчезнал споменикот.
