Археолошки локалитет „Марта“, село Зовиќ

Во археологијата, железното време се однесува на појавата на металургијата, а појавата на железо се совпаѓа со други промени во некои култури од минатото, честопати со пософистицирани земјоделски практики, религиозни верувања и уметнички стилови.

Видео на знаковен јазик
Мапа

Железото долго време се користело главно за изработка на оружје, додека бронзата останала типична за алатките, како и во уметноста.

Во средноевропска смисла означува време на стабилизација после егејските преселби и формирање на палеобалканските народи и племиња што се манифестира во широко единство на културниот материјал.

Оваа епоха има посебна важност во издвојувањето на регионалните етно групи, следењето на нивните генези, а исто така во разработувањето на нивната фина хронологија што овозможува целосно следење на историскиот тек.

Железното време во Македонија е поделено на три периоди: Железно време I (1200-900 г.п.н.е.), II (900-700 г.п.н.е.) и III (700-500 г.п.н.е.).

При крајот на VI век п.н.е. најголемиот дел од Македонија, пред сè, го губи праисторискиот карактер во материјалната култура. Територијата наоѓајќи се во централно – балканскиот регион не претставувала географска, културна, етничка средина која била затворена и изолирана. Истата трпела влијание од другите културни групи од соседните простори. Долините на Вардар и другите реки претставувале особена комуникација меѓу север и југ т.е. помеѓу средна Европа и Егеј.

Во атарот на село Зовиќ, на местото викано Марта, во 1963 година, за време на рекогносцирање, затекнати се два неодамна отворени гроба – масивни и солидно градени цисти. Во едниот гроб е најден сад со боени орнаменти, а во другиот е најден дел од железно копје. „Марта“ е евидентирана како археолошки локалитет, некропола од железното време (I).

Ридот „Марта“ отсекогаш привлекувал внимание и будел мистични и митолошки приказни кај локалното население, како место со присуство на виши сили или чудесни појави. Не е случајно ни името на ридот „Марта“ кое се поврзува со ксантичкиот култ на Марта, поврзан со будењето на земјата и раѓањето на пролетта.