При проектирањето и изведбата на објектите во II век биле доследно применувани римските архитектонски норми и стандарди, а при изградбата биле користени локални материјали. Вилите имале резиденцијален карактер и се поврзуваат со утврдувањето Пешта во близина на селото. Особено интересни се вдлабнатините во карпа веднаш до црквата „Св. Спас“, кои може да се видат и денес, а се користеле за производство на вино.
Подоцна во ранохристијанскиот период, вилите вешто биле адаптирани во пространи ранохристијански цркви, што ја потврдува важноста на село Градешница како едно од поважните христијански средишта во регионот. Денешните цркви се изградени врз темелите на тие објекти во седумдесетите години на 20 век.