Црквата „Свети Атанасиј“ во близина на село Зовиќ е мала еднобродна градба изѕидана од камен и варов малтер, денес прекриена со покрив од црвени ќерамиди.
Слушнете аудио
Видео на знаковен јазик
Мапа
Според своите архитектонски и ликовни крактеристики црквата датира од така наречениот поствизантиски период, односно од XVII век.
И покрај оштетувањата што ги претрпела црквата, денес се сочувани вредни површини со живопис, како претставата во апсидата во олтарниот простор позната како Богородица со епитетот Платитера – Знамение од XVII век. Кај сиво сината заднина со бели грчки букви испишан е епитетот на Богородица.
Иконографскиот тип на Богородица Знамение е варијанта на Богородица Ширшаја со молитвено издигнати раце. Оваа претстава е работена според текстот на пророкот Исаија, според кој Богородица се претставува како отелотворение на црквата.
Овој иконографски тип на Богородица е значаен тематско–хронолошки показател бидејќи во пошироката сфера на византиската уметност е присутен во постарата уметност.