Таа претставува еднобродна црква со правоаголна основа. Дворот и црквата се одвоени со камена ограда. Во внатрешноста црквата ја краси висок иконостас изработен од дрво во понов период. Поради поголемите оштетувања на црквата за време на Првата светска војна, застапениот живопис за време на обновата е со ограничена површина.
Посебно внимание привлекува застапената сцена на првословенските учители,солунските браќа Св. Кирил и Методиј, насликани во архијерејска одежда, со митра на главата. Св. Кирил е прикажан како средовечен човек со темна коса и брада, во десната рака држи крст, а во левата отворен свиток со испишан текст на старословенски јазик. Св. Методиј е насликан како старец со бела коса и брада, кој благословува со десната рака и свиток со азбука во левата рака.
Се претпоставува дека живописот е дело на тајфата на браќата Јосиф и Јаков Радеви, од мијачкото село Лазарополе, коишто исто така биле меѓу генерацијата зографи, ученици и следбеници на Дичо Зограф.