Токму при една таква посета, кога Мариовците во поголема група биле да пазарат во Прилеп, момчињата кои биле во групата биле грабнати и испратени да бидат јаничари. Едно од тие момчиња бил и петгодишниот Ангеле, брат близнак на Анѓа од фамилијата Сирмевци во село Старавина.
Ангеле бил однесен некаде далеку во Османлиската империја, а Анѓа во родното Старавина израснала во убава црномуреста девојка, заљубена во нејзиниот врсник Стојан, со кого заедно израснале.
При една посета во село Витолиште, убавата Анѓа му запнала за око на кадијата, кој ја грабнал и ја однел во своите сараи во Прилеп. Но ниту примамливите ветувања за богатство и раскош, ниту заплашувањата и заканите по нејзиниот живот, не ја убедиле Анѓа да ја смени својата вера и да стане жена на кадијата.