Женската мариовска носија е посебно карактеристична и е белег на идентитетот, творечкиот дух, традицијата и социо – економската состојба. Доминатната бела боја на облековните елементи, која како израз на чистота, невиност, живот е надополнета со везбениот волнен конец со аловна, ѓувезна, жолта и црна боја.
Везбените техники, како и декоративните елементи, создаваат колоритна безвременска убавина со длабока симболика. Мотивот јаболка, комбиниран со мотивот бела лоза, кај невестинската кошула, има симбол на сила и плодност. Невестинската скутина – вута, која имала магиска функција со цел заштита и обезбедување на нов живот, може да се толкува како стилизирана претстава на мотивот на дрво на животот. Сето тоа надополнето со накитот и` обезбедува на женската мариовска носија значајно место во македонското материјално културно наследство.