Македонскиот фронт кој е познат и како Солунски и Јужен фронт, се простирал од Орфанскиот залив во Егејско Море до Јадранско Море во должина од околу 600 км.
Тој минувал низ четири земји: Албанија, Грција, Бугарија и тогашна Србија, во чиј состав била и територијата на денешна Република Македонија. Во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година, јужно од фронтовата линија биле стационирани силите на Антантата (француски, српски, британски, руски, италијански и грчки војски), а северно биле Централните сили (бугарски, германски и австро-унгарски). Вкупно од двете страни биле стационирани околу 1.200.000 војници.
Пробојот на Македонскиот фронт се случил на Добро Поле, на 15 септември 1918 година. Петнаесет дена подоцна, на 30 септември, во Солун било потпишано примирје со Бугарија, со што на силите на Антантата им се отворил патот кон Турција, која потпишала примирје на 30 октомври и кон Австро-Унгарија, која веќе трпела големи загуби на Италијанскиот фронт и потпишала примирје на 4 ноември. Примирјето со Германија било потпишано на 11 ноември 1918 година, со што се означува крајот на Првата светска војна.
Иако Битката на Добро Поле била неспоредливо помала воена операција во споредба со останатите фронтови, голем број на историчари се согласни дека истата довела до побрзо завршување на Првата светска војна.