Тврдината Пешта, Мариово
Пешта е тумба помеѓу селата Градешница и Старавина. Најраните откриени археолошки остатоци на ова место потекнуваат од Римско време, а поради исклучително погодната стратешка позиција, можно е да се користела и пред тоа.
Се претпоставува дека во тврдината имало црква, помошни објекти и систем за снабдување со вода. Пешта со векови била заштитен бедем на населението во Мариово и истата е поврзана со Мариовската буна (1564-1565 год.).
Мариовската буна е еден од првите организирани отпори во Македонија, во периодот кога Османлиската империја била на врвот на својата моќ. Самата област Мариово е еден вид на тешко пристапна природна тврдина, обиколена со високи планини. Мал е бројот на патиштата по кои може да се дојде до селата, па така бунтовниците неколку пати ги одбивале нападите, се до моментот кога биле опколени од сите страни, од далеку побројна војска, по што морале да се повлечат во тврдината Пешта. Во тврдината се повлекло само помладото население, додека пак постарите останале незаштитени во селата или пак се разбегале во планините.
Според легендата, по неколку неуспешни обиди на османлиската војска да ја заземе тврдината, тие започнале со измачување на населението кое било затекнато во селата, за да им ја откријат слабата точка на тврдината.
Тајната им ја открила некоја баба, која им кажала дека во тврдината не постои извор, туку дека водата се носи преку подземен канал, од скриен извор во близина.
Интересна е и приказната како османлиската војска го пронашла каналот, односно биле земени неколку коњи, кои биле нахранети со солена храна и биле оставени ден-два без вода. Потоа биле врзани на неколку локации од источната страна на тврдината, од каде се препоставувало дека минува каналот. Еден од коњите насетувајќи подземна вода почнал да копа, по што бил лоциран и прекинат подземиот канал. Без вода, востаниците немале друг избор, па така, дел решиле да се борат до смрт, а дел се предале и биле одведени во Цариград.
Со текот на времето тврдината била оставена на забот на времето, а за време на Првата светска војна се наоѓала на самата фронтова линија. Тука биле изградени ровови и била мета на бомбардирања, што во целост го променило нејзиниот изглед.