Денес, наосот на црквата е поделен од олтарниот простор со едноставен дрвен иконостас. Подот на црквата е од камени плочи набиени на земја. Црквата е живописана во ентериерот и тоа: во наосот на северниот, јужниот и западниот ѕид и во олтарниот простор. Според податоците, покривот и сводот, како и целата црквичка на некој начин, пострадале во текот на Првата светска војна. Црквичката е многу малку проучувана во минатото, но според сочуваното сликарство датира од крајот на XV и почетокот на XVI век.
Извонредната сликана декорација во црквата „Свети Спас“ ги содржи тематските иновации како насликаните сцени со Визијата на Петар Александриски и Исус Христос, голем архиереј и цар и Богородица Параклиса – молбеница, царица, што настапиле во XIII и XIV век, што му даваат особен белег на последните векови на палеолошкиотвизантискиот стил.
Посебноста и значењето на живописот ја надополнува и фактот што светите воини и други светители насликани во првата зона не се облечени во своите вообичаени војнички облеки, туку во свечени велмошки облеки, а натписите се испишани на црковно словенски јазик.